Протоколот за Македонија ја зоврива политичката атмосфера во Грција

Протоколот за членство на Македонија во НАТО стигна во грчкиот парламент и повторно ја разбранува политичката атмосфера во Грција. Дебатата за Протоколот во Комисијата за надворешни работи го продолжи политичкото препукување меѓу власта и опозицијата околу Договорот од Преспа.

Пред Комисијата Панос Каменос кој побара Протоколот да се ратификува со 2/3 мнозинство, а не со просто од 151 пратеник, повикувајќи се на грчкиот Устав. Каменос најави дека истото барање ќе го постави и на утрешната пленарната расправа за Протоколот.

Одговор стигна од замник-министерот за надворшени работи на Грција според кого ратификацијата на Протоколот за членство на Албанија во НАТО пред 10 години се случила со просто мнизинство и никој тоа не го проблематизирал. Според Јоргос Катругалос Уставот пропишува гласање со 2/3 мнозинство кога земјата влегува во меѓународни организации и кога предава овластувања.

Во меѓувреме Каменос се обидува и на друг начин да ја спречи ратификацијата на Протоколот со што Договорот од Преспа би стапил на сила. Тој побара од пратеник на Независни Грци, Танасис Папахристопулос, кој гласаше за Договорот од Преспа да поднесе оставка и да го отстапи пратеничкотот место. Во спротивно, Каменос, му се закани дека ќе го исклучи од партијата.

Ќе го исклучам без оглед што тоа ќе значи за парламентарната група на Независни Грци, изјави Каменос.

Потегот на Каменос е со цел владеачката СИРИЗА да нема да има доволен број гласови – 151, за да го ратификува Протоколот.

Папахристопулос на ова, како што пренесе Катимерини, одговори дека ќе го отстапи местото по утрешнотот гласање за Протоколот за Македонија.

Пред Комисијата денеска известувачот на СИРИЗА за нацрт-законот за ратификација на Протоколот ги повика сите пратеници без оглед на партиските ставови да го поддржат Протоколот, додека известувачот од Нова демократија изјави дека нивните пратеници ќе гласаат против.

Ние ќе гласаме против Протоколот за членство на Скопје во НАТО бидејќи тоа е формален чекор на Договорот кој е штетен и со кој Грција го става својот потпис на наводен македонски јазик и македонска нација, рече Јоргос Кумуцакос, Нова демократија.

Дебатата во Комисијата за надворшени работи на Грција треба да заврши поладнево со гласање за Протоколот за Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ