
Протестот на текстилците од „Веибо“ заврши, утре средба со раководството
Протестот на двестемината текстилни работници од компанијата „Веибо Груп“, Крива Паланка заврши. Работниците кои искажуваат револт поради трите неисплатени плати и придонеси најпрвин го блокираа магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка- граничен премин Деве Баир, околу 10 часот, кај објектот на фабриката, по што пеш се упатија по главната улица „Св.Јоаким Осоговски“, се до зградата на локалната самоуправа на општината.
Претставници на иницијативниот одбор на работници се сретнаа со градоначалникот, Борјанчо Мицевски, кој им посочил да побараат правен застапник кој ќе ги брани нивните права.
– Од раководството на „Веибо Груп“ не повикаа на средба во погонот утре во 12 часот. Не е нагласено кој ќе биде на средбата, очекуваме да дојдат дел од менаџерите кои претходно комуницираа со нас, но најверојатно ќе дојдат нивните правници. Ние не сакаме да тужиме или да преземаме други активности, доколку добиеме конкретни датуми за решавање на нашиот проблем. Се што бараме е платите кои ни ги должат и прекувремените часови, кои само во декември се 62, да ни бидат исплатени. Бараме и регрес за годишен одмор, К-15, тоа се основни права кои ни следуваат, велат работниците и работничките од „Веибо Груп“.
Од страна на Иницијативниот одбор посочија дека ситуацијата е лоша, има голем број сопружници кои од тука егзистирале, велат, некои имаат болни деца и членови на семејството кои треба да ги издржуваат, а немаат пари.
Инаку, утринава од „Веибо груп“ во соопштение до медиумите наведоа дека во неполни четири години присуство на фирмата на македонскиот пазар, првпат се случува да доцни исплата на плати или да не може да исплати плата.
– Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање кај работниците за целокупната ситуација и дека без дополнителни трошоци ќе и се остави време на компанијата да го исплати сето она што им го должи на работниците“, се вели во соопштението од „Веибо Груп“.
Ова беше трет ден како работниците се собираат и протестираат барајќи ги работничките права.