
Протестен марш на незадоволните пензионери во Свети Николе
Битката за превласт на раководните функции во светиниколското здружение на пензионери денеска кулминираше со протестен марш на оние кои се незадоволни од изборите .
Педесетина пензионери со свирчиња и паролите „бараме повторени избори и каде се трошат парите на пензионерите“ од нивната членарина маршираа низ центарот на Свети Николе. Тие тврдат дека актуелното раководство работи нетранспарентно и бараат повторно да се спроведат изборите.
Телма претходно информираше за овој случај, овие пензионери бараа ревизија на финансиското работење на актуелното раководство, а како што велат ги информирале и сите надлежни институции. Во наредните два до три дена ќе го чекаат одговорот, во спротивно се заканија дека ќе формираат паралелно здружение.
Актуелниот претседател на светниколското здружение, Никола Атанасов за Телма вели дека нема ништо спорно во извршниот избор на раководството, кои се спроведени согласно статутот на здружението.
Ги отфрла обвинувањата за лошото финансиско работење и стои на ставот дека институциите можат да ги проверат сите документи.