Протест заради блокадата во Комисијата за избори

Пред Собранието, мал протест заради блокадата на десетина големи институции. Невладините бараат Комисијата за избори и именувања итно да се состане, за да може до распуштањето на Собранието да се пополнат испразнетите места во сите институции.

            Државниот завод за ревизија е целосно блокиран: мандатот на Главниот државен ревизор истече пред две години, а мандатот на заменикот пред речиси два месеци. Вработените не добија одговор на отвореното писмо објавено пред еден месец, со кое алармираат дека нема кој да потпише за нивните плати и придонеси, ниту за изготвените ревизии и извештаи, со што се попречува контролата во трошењето на државните пари и откривањето злоупотреби на функциите. „Се става во ризик борбата со корупцијата“, предупредува и граѓанскиот сектор.

            Невладините укажуваат дека треба да се изберат тројца членови во Судскиот совет, за да не се ризикува неговата функционалност и ефикасност.

            Треба да се изберат директори или членови и во Комисијата против дискриминација, Дирекцијата за лични податоци, Агенцијата за информации, Советот на МРТВ, Агенцијата за медиуми, граѓанската контрола на полицијата и други тела.

            Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски смета дека одговорноста е кај СДСМ и ДУИ кои не можат да се договорат за кадровските решенија. Последната седница беше пред 26 дена – заврши неуспешно бидејќи владеачките партии застанаа зад различни кандидати, а опозицијата не поддржа ниеден. Спикерот Талат Џафери вели дека го прави тоа што му е деловнички овозможено и дека редовно ги предупредува партиите на секој координативен состанок.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ