Протест во Дебрца против изградба на регионална депонија

Наоружани со транспаренти и знамиња, жителите на Дебрца, симболично на Денот на планетата земја, 22 Април, се кренаа на Еколошко востание, против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје. Тие побараа премиерот Заев да си го одржи зборот даден за време на локалните избори дека Дебрца во која 33 села живеат со векови во склад со природата, ќе остане еколошки чиста општина, а владата да се откаже од идејата тука да гради регионална депонија, за што, како што рекоа, се подготвени да ги соочат аргументите на јавна расправа. Доколку тоа не се случи најавија правна битка за своите права.

Дека се одлучни во барањата жителите на Дебрца покажаа со блокирање на магистралниот пат Охрид – Кичево, најавувајќи уште порадикални форми на протест доколку државата не се откаже од изградбата на регионална депонија во атарот на селото Годивје.

На протестот се обратија интелектуалци, екологисти и експерти од областа на животната средина кои укажаа на опасноста од изградба на депонија во овој крај кој е богат со вода, на што јавно се противи и НУ Хидробиолошки завод од Охрид.

Локалната самоуправа која исто така е против изградба на регионална депонија бара да се почитува волјата на граѓаните искажана на референдумот што се одржа минатиот октомври.

Протестот на кој присуствуваа голем број жители на Дебрца, но и од Охрид и други населени места, иако имаше силен емотивен набој и остри пораки, мина без инциденти, а сообраќајот на магистралниот пат Охрид – Кичево кој извесен период беше во прекин попладнево е нормализиран.

Горан Момировски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ