Протест пред Собрание: Никогаш Северна, Секогаш Македонија!

Поезија и скандирање за претседателот Иванов. Извици „уа“ за договорот Заев-Ципрас. Неколку илјади граѓани вечерва се собраа пред Собранието обединети под мотото „Никогаш северна, секогаш Македонија“.

На протестот не присуствуваа истакнати политичари, но беа упатени политички пораки.

Организаторот, што се претстави како „Млади за Македонија“, поддржан од уште неколку групи граѓани, придонесе протестот да помине во мирна атмосфера. Најголема врева предизвикаа неколку петарди фрлени кон силното полициско обезбедување пред Собранието. Навивачката група Комити се придружи со запалени факели, како што правеше и изминатите денови.

На собирот беа емитувани видео пораки од актерката Арна Шијак, повредена на протестот во неделата, од внуката на Гоце Делчев, внукот на Никола Карев, од, како што ги претставија, пријателите на Македонија, Маријана Петир и Џејсон Мико. Беше најавена кривична пријава за директорот на Бирото за јавна безбедност Велковски и итерпелација за Спасовски, поради инцидентите од неделата. По час и половина, демонстрантите мирно се разотидоа оставајќи зад себе изгорени факели и празни шишиња.

Веднаш по завршувањето на протестот, доцна вечерва, ВМРО ДПМНЕ одржа прес конференција, пред чие седиште била истурена црвена и жолта боја. Од партијата за тоа ги обвинуваат власта и СДСМ и најавуваат жестока реакција.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ