
Протест на Институтот за хемија поради лошите услови за работа и студирање
Лошите услови за работа и студирање на Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет со кои се судираат со години, ги натераа професорите и студентите на протест. Велат, се пензионираат професори и лаборанти, а веќе 8 години нема согласност за вработување нов асистент. Не се вложуваат сретства за подобрување на условите за работа и за научноистражувачка дејност. Лошите услови придонеле бројот на вработен кадар да се намали од 58 наставници, асистенти и лаборанти во 2000 година на вкупно 24, денес. Раководителката на Институтот јавно побара од власта да им ги исполни барањата.
- Итно одобрување на барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства, што е нужно за ублажување на катастрофалната состојба со подмладокот за да може да се реализира практичната настава. Во буџетот за следната година да бидат предвидени сретства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и сретства за реновирање на зградата на Институтот. Во буџетот да се предвидат сретства за финансирање на научноистражувачки проекти, вели Марина Стефова- раководителка на Институтот за хемија при ПМФ
Од условите за студирање на Институтот, незадоволни се сегашните, но и дипломираните студенти.
- Технологијата и науката се во постојан подем. Меѓутоа ние немаме начин да го прикажеме целото знаење кое што го стекнуваме тука. Да го искажеме, тоа е многу тешко, вели Мирјана Саздовска-дипломиран хемиски инжинер .
- Она што недостасува е модернизирање на самите инструменти, на нашите лаборатории. Тоа е она кон кое ние се стремиме, вели Христина Тришоска- студентка на 3 година на Институт за хемија
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, вели дека министерството одобрило 5 нови вработувања на Институтот за хемија. Но, се чека согласност од Министерството за финансии, за да се ефектуираат тие. А, пред 5 години МОН финансира инсталирање 5 лаборатории на ПМФ, од кои 2 на Институтот за хемија, дополнуваат од ова ресорно министерство.
Сотир Трајков