Протест на битолските превозници

Битолските превозници денеска ги паркираа автобусите пред општинската зграда и не превезуваа ниту патници, ниту ученици на редовните општински линии. Револтирани се затоа што не биле консултирани во формирањето на новиот тарифник на општината, според кој за учениците ќе важат истите цени за билетите, како и за останатите патници. Велат дека за нив тоа е економски неисплатливо.

„Со овој тарифник, сите сме едногласни, дека цената не е ниту пазарна ниту ќе бидеме рентабилни“, вели Лидија Мицевска од Хера Турс-Битола.

„Овде се работи за живот, ние немаме пари платите да ги поделиме, немаме леб дома да однесеме“, вели Пеце Стојковски од Лука Експрес-Битола.

Новиот тарифник и организрањето на училишниот превоз требаше да се усвојат на денешната седница на Совет, но општината времено ги повлече точките од дневен ред, со образложение дека се подготвени за дополнителни консултации со превозниците, иако со нив се сретнале во септември и побарале да достават сугестии, на што немало повратен одговор.

„Учениците се оставени без нормални услови во училиштата поради нешто што се случувало години наназад. Јас кажав дека конечно на тоа треба да му се стави крај, некои работи треба да се регулираат. Останувам отворена, но непопустлива во некои ставовови кои што мислам дека се вистинската насока во која треба да се движиме, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Иако дел од превозничките фирми се обвинети во случајот „Транспортер“ на СЈО, тие се навредени од изјавата на градоначалничката дека нема да дозволи коруптивни договори за училишниот превоз.

„Нас сите не фатија, но нека ги земат ЦД-та од СЈО и нека преслушаат која фирма има плус или минус фактурирано. Нека видат и нека не ги ставаат сите фирми во еден кош, рече Новка Димовска од Хера Превоз-Битола.

Петровска рече дека превозниците вчера биле известени за повлекувањето на точката од дневниот ред на денешната седница, но сепак одлучиле да протестираат и да не ги превезуваат учениците. Превозниците пак се категорични дека по овие цени нема да возат на редовните линии.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ