
Протераниот руски дипломат ја шпиунирал Македонија
Протераниот руски дипломат од Македонија се обидувал да добие класифицирани информации важни за безбедноста на земјава. Ова денеска го соопшти шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, како втор аргумент поради која МНЕ синоќа донeсе одлука да врати еден руски дипломат дома.
„Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Нашите сознанија се поткрепени, евидентирани и немаме дилеми дека имало такви обиди“, изјави Димитров.
Димитров соопшти дека одлуката е донесена по внимателно размислување и анализа. Рускиот дипломат чие име не се открива, вчера беше протеран од Македонија во синхронизираната акција на над 20 држави, во знак на солидарноста со Велика Британија откако таа беше, како што рече Димитров, нападната со хемиско оружје со труењето на поранешен руски шпион Сергеј Скрипл, на нејзина територија.
Димитров изјавата ја даде по средбата со својата австриска колешка Карин Кјансел, која за тоа дека Австрија не протера руски дипломат, рече дека протерување дипломати е билатерална проценка на секоја земја.
Ниту Димитров ниту Кјансел не коментираа каква би можела да биде реакцијата на Русија. Руската амбасада уште синоќа ја предупреди Македонија дека ќе сноси последици, како што го нарече, непријателскиот чин.
„Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“.
Ваквото предупредување денеска беше засилено со најавата од официјална Москва дека адекватно ќе одговори на протерувањето на руските дипломати, како и изјавата на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, дека нема да толерираат ваква дрскост.
„Секако ние нема да толериране ваква дрскост. Кога еден или двајца дипломати се протерани од оваа или онаа земја, додека шепотејќи ни се извинуваат, ние сме сигурни дека ова е резултат на огромен притисок и уцена, кои за жал се главната алатка на Вашингтон на меѓународната сцена“, изјави Лавров.
Со став за протерувањето на дипломатот денеска се огласи и британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет која ја поздрави одлуката на Македонија, но не сакаше да коментира за одговорот на Русија.
Поранешниот мнистер за надворшни работи на Македонија, Денко Малески, протерувањето на руските дипломати го оцени како пост-студена војна, но смета дека добро е што македонската политика застанува рамо до рамо со демократиите од НАТО и ЕУ во координираната трансатлантската акција. За реакцијата на Русија кон земјава тој смета дека би било надвор од памет да се покажува сила кон мала земја како што е Македонија.
„Македонија мора да земе страна и однесувањето на Русија ја турка Македонија на другата страна. Проблемот што го има Русија со внатрешниот систем не може да го решава преку грбот на мали држави како Македонија“, вели Малески.
Малески смета дека ова треба да ги замисли не само Русија, туку и САД, Британија, за нивно поголемо внимание кон сојузите со земјите како Македонија и нивна поголема поддршка во процесот на зачленување. Според него Русија нема толку голем интерес за Македнија, колку што има интерес да им направи штета на НАТО и ЕУ во нивните проекти.
До денеска од повеќе од 17 членки на ЕУ, САД, Канада и нивни сојузници, меѓу кои и Македонија, протерани се повеќе од 100 руски дипломати.
Тамара Грнчароска