
Просветните инспектори не откриле пропусти во “Кочо Рацин” по двата инциденти во училиштето
Нема пропусти од училиштето – ова го утврдиле просветните инспектори кои отидоа во основното училиште Кочо Рацин на денот кога Телма ја објави сторијата дека основец сексуално злоставувал соученик надвор од училиштето, а во друг инцидент кој се случил во школото еден ученик давел друг ученик.
Инспектор разговарал со службите и директорот и утврдил дека училиштето исправно постапило – дознаваме од Инспекторатот.
За Инспекторатот не е пропуст ниту ги зачудува фактот што директорот ги повикал со задоцнување, односно откако Телма од него побара изјава за инцидентите, но се уште не доби, и откако тој беше информиран дека ќе биде објавен извештај за случувањата во школото.
Не упатија да поднесеме барање согласно Законот за пристап за Информации па ќе го добиеме извештајот на инспекторот кој го посетил завчера училиштето. Првиот инцидент за кој Телма известуваше се случил на 30 октомври кога ученик од повисоките класови пресретнал соученик во парк во населбата Капиштец, далеку од училиштето, и извршил полов напад.
Поради овој инцидент бил свикан вонреден состанок на советот на родители и бил инфромиран директорот. Од МВР ова го потврдија, но додадоа дека нападот е пријавен со големо задоцнување. Народниот правобранител смета дека тоа е огромна грешка.
„Ако има физичко или психичко насилство, несомнено е дека е потребно да има обезбедено докази коишто понатаму ќе ја олеснат постапката на надлежните органи. Техниките за истражување на полициските органи се во надлежност на ваквите служби, но тоа не значи дека не треба да преземаат мерки за испитување на случајот за да можат да утврдат дали постои можност понатаму да го процесуираат случајот.“ – вели заменикот на народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа.
Сепак Инспекторатот смета дека овде училиштето нема никаква вина бидејќи инцидентот се случил надвор од дворот на училиштето.
Тие велат дека психолозите и педагозите постапувале исправно со децата и дека нема нивни пропусти. Не регистрирале пропусти и за тоа дека друг малолетник од истото училиште нападнал врсник, и го давел по што таткото на давеното дете пријавил во полиција.
И додека Државниот Инспекторат за просвета упатува дека МВР треба да се занимава со вакви случаи а не тие.
Од Меѓаши сметаат дека и просветните инспектори, заедно со родителите и наставниците треба да се запрашаат зошто се случуваат немили случки со ученици.
„Се што се случува во општеството се рефлектира кај децата и тие се наша слика. Сето тоа бара поголема мобилност, воспитно образовниот процес да го подигнеме на повисоко ниво, да градиме култура за мир и ненасилство од рана детска возраст, да градиме превентивни програми за брза детекција и мобилизација на институциите на системот за брза дојава и превенција и на децата да не им се случува насилство во училиштата, дивеење, натепување и обид за силување.“ –рече Драги Змијанац од првата детска амбасада “Меѓаши”.
Освен меѓуврсничкото насилство и друг скандал го тресе образованието деновиве.
Ученици искреирале Инстаграм-профил на кој објавиле видеа од дивеење во училници и кршење на инвентарот. Профилот веќе е избришан, а секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во соработка со социјалната мрежа се обидува да открие кој стоел зад него.
Петар Догов