
Пропадна обидот викендов да се реши прашањето за СЈО
Пропадна идејата дека викендов партиите ќе успеат да обезбедат двотретинско мнозинство за законот за Јавно обвинителство.
Најавената нова рунда преговори меѓу работните групи не се одржа. Министерката Рената Дескоска не е оптимист дека ќе се постигне договор со ВМРО ДПМНЕ. Таа во изјава за тв 21 рече дека амандманите на ВМРО ДПМНЕ се со цел да го уништат СЈО кое е дел од законот.
Со амандманите кои ги предложи ВМРО ДПМНЕ сепак се бара со рок да се ограничи постоењето на СЈО но и се останува на ставот дека државниот обвинител треба да е избран по предлог на најголемата опозициска партија. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека се уште има простор за преговори меѓу партиите, но автономијата на СЈО и истрагите треба да продолжат.
Од ВМРО-ДПМНЕ за сега велат дека во моментов тече време за внатрепартиски договори.
Останува и неизвесно дали и ако се постигне договор за законот, спикерот Талат Џафери ќе одржи седница за негово гласање во време на предизборна кампања.
Тој изјави дека нема, а министерката му врати дека тоа е демотивирачки. Преписката меѓу нив за Османи е само лоша комуникација на институции. Законот за јавно обвинителство со кој ќе се регулира и статусот на СЈО е еден од условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Билјана Николовска