
Пронајдени телата на загинатите бугарски државјани
Спасувачките екипи успеаја да стигнат до местото на несреќата каде вчера се урна Цесна со четиричлено семејство од Бугарија, потврди за Телма претседателот на комитетот за истражување на воздухопловни несреќи Зоран Илиевски.
Четирите тела се предадени на судска медицина по што ќе следи експертиза за тоа како настанала смртта и официјално ќе биде соопштен идентитетот на настраданите, велат за Телма од истрагата.
Телата биле пронајдени на ледина под врвот каде температурите се минусни и се уште има снег.
Се уште официјално не се потврдени информациите дека загинале 49-годишен маж, неговата сопруга и нивните деца на возраст од 14 и 18 години.
Мажот бил бизнисмен, кој имал фирма за рециклирање на отпад, а неговата жена работела како адвокат.
Загинатиот имал лиценца за пилотирање, што веројатно му ја издаделе бугарските власти.
Според обвинителството местото на кое паднал авионот се наоѓа на исклучително непристапен терен и во моментот не постојат услови за извлекување на леталото.
Локацијата е целосно обележана, а експерти од одделот за крим- техника ќе ги вештачат остатоците од авионот, со цел да се утврдат причините за авионската несреќа.