
Промената на власта во Грција ќе го смени и составот на Комисијата за историја
Смената на власта во Грција ќе го смени и составот на Комисијата за историски и археолошките прашања од грчка страна. Според неофицијални информации од грчката страна на Комисијата, очекувањата се да бидат сменети сите членови.
Речиси е извесно дека ќе биде сменет шефот на грчката страна во Комисијата, Маркос Боларис, кој беше заменик-министер за надворешни работи во владата на СИРИЗА.
Во прилог на информациите за кадровските промени во Комисијата од грчка страна оди и одложувањето на одржувањето на петтиот состанок на заедничката македонско-грчката Комисија кој беше закажан за овој месец. Засега нема информации за кога е таа одложена.
Слична судбина може да ја снајде и грчката страна на Комисијата за трговски марки иако грчките експерти таму не ги предводи политичар, туку професор по меѓународно право Фотини Папартис.
Сепак Нова демократија која победи на изборите пред речиси три недели, е силен критичар на Договорот од Преспа и најави борба за регулирање на трговски марки и етикети со терминот „Македонија“ на грчките производи. Експертската Комисија за трговските марки кој беше формирана на 22 мај во Скопје, беше договорено следната средба да ја одржат во првата недела од ноември.
За промени во составот на двете комисии од грчка страна побаравме информација и од македонското МНР.
„Би сакалe да ве информираме дека не сме добиле официјално известување за евентуални промени во составите на двете комисии“, наведуваат од МНР.
Комисијата за трговските марки има рок од три години да ја регулира употребата на името „Македонија“ за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци.
Според членот кој го регулира ова прашање во Преспанскиот договор, додека не се постигне заемна согласност, ниедна од страните нема да влијае на сегашната комерцијална употреба на името и термините.
Комисијата за историја пак за помалку од една година од формирањето и четири одржани средби ги прочешлале книгите за основно и средно образование по историја и географија.
Разменети се и забелешки што е она што секоја од страните смета дека е проблематични формулации или некакво вид иредентизам во учебниците на другата страна. При ревидирањето на учебниците Комисијата, според Договорот од Преспа, треба да се води врз принципите на УНЕСКО и Советот на Европа.
Тамара Грнчароска