Промашена шанса, одлуката мора да се ревидира- реакции по одлуката на Брисел

Трагична одлука, промашена шанса, одлуката мора да се ревидира- не стувнуваат реакциите во европските кругови по одбивањето на Скопје и Тирана да запонат преговори за членство во ЕУ.

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ во заминување, Федерика Могерини, оцени дека одложувањето на одлуката на Европскиот совет за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, не е само пропуштена шанса, туку е историска грешка.

Сумирајќи ги резултатите од минатонеделните состаноци на ЕУ во Брисел, Могерини на својот блог во текстот насловен „Две одлуки, една грешка“, истакнува дека шефовите на држави и влади ја одложија одлуката за преговори и покрај извонредниот напредок што го постигнаа двете земји и позитивната препорака од Европската комисија.

– Тоа е повеќе од пропуштена шанса, тоа е историска грешка што се надевам дека наскоро ќе биде поправена, вели Могерини.

Владејачката германска коалиција ЦДУ/ЦСУ смета дека патот на ЕУ останува отворен за Северна Македонија и Албанија, и покрај негативен исход од минатонеделниот состанок на Советот на ЕУ.

– Ги повикувам двете држави да го сфатат негативното гласање на Европскиот совет како поттик да ги продолжат сите реформски напори. Ако двете земји останат на курсот, Париз нема да може да ги запре преговорите за пристапување по втор пат. Германија ја поддржува и стои зад европската перспектива на Западен Балкан, вели ЈОхан Вадефул, заменик-претседателот на парламентарната група ЦДУ/ЦСУ

Парламентарниот известувач Кристијан Шмит, пак, смета дека негативната одлука на Европскиот совет мора навремено да се ревидира.

–Треба да се признаат постигнувањата на земјите – промена на името и сеопфатна реформа на судството, а тие треба да продолжат да ги спроведуваат реформите и да ги отстрануваат недостатоците, вели Шмит во изјавата објавена на веб страницата на ЦДУ/ЦСУ.

Поранешниот грчки премиер Ципрас утрово со критики на Фејсбук кон актуелната грчка влада дека е пасивна и игра улога на статист во регионот.

– На состанокот на Европскиот совет, (грчкиот премиер) тивко ги следеше Данска и Холандија да преговараат за иднината на Балканот. И сега со непријатност ја следи Италија, која предлага одново да започне пристапниот дијалог во ноември. Малата Грција која ги следи иницијативите на трети. Тој вели дека надворешна политика не се води под страв од внатрешно партиските корелации.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ