Прогресивниот данок засега не ја намали големата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните

Многу врева за ништо, парите од побогатите и натаму тешко се прелеваат кај посиромашните. По половина година откако е воведен, ова е првичната оценка на експертите и на бизнис секторот за прогресивниот данок. Анализата на институтот Фајнанс тинк говори дека засега овој нов модел на оданочување дава извесни резултати во намалување на големата нееднаквост меѓу граѓаните, но тие се мали. Поголем придонес ќе донесе во комбинација со социјалните мерки кои неодамна стартуваа, се очекува да ја намали сиромаштијата. Студијата покажала дека оваа година најбогатите домаќинства, како последица на прогресивниот данок, ќе имаат помал вкупен доход за 0,6 проценти. Од друга страна, годинава во буџетот од него ќе се соберат околу 20 милиони евра, што е помалку за 5 милиони од владините очекувања.

Се на се, заклучокот е дека економските ефекти од реформата се главно позитивни, но се многу мали и незначителни, а за неа може да се плати висока политичка цена, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.

За даночната реформа се забележува и дека беше ненадејна, и иако имаше дебата, конкретните одредби се објавија само три месеци пред да се воведе. Тие што плаќаат данок се побуниле и дека уште не знаат дали парите се трошат правилно, или за коруптивни цли.

ИТ секторот, од каде стигнуваа најголемите реакции, сега вели дека од стартот на новиот данок, навистина не се иселија сите млади информатичари, но најзасегнати се постарите и поискусните, чии плати се над 90 илјади денари, а такви се 30 проценти од овие инженери, кои сега ја пшлаќаат повисоката даночна стапка.

Не дека младите од факултетите не се вработуваат, туку сега си одат сениор девелоперите, каде што државата многу инвестирала, а и ние како компании, нив ги фати прогресивниот данок, и за нив треба да се нинтервенира во даночната политика, вели Анета Пешева, претседател на Управен одбор на МАСИТ.

Прогресиовниот данок не ги измени животите и на богатите и на сиромашните, но на земјава тој сега не и требаше. Со само две стапки ова оданочување воопшто не може да се смета за праведно, не прави вистинска разлика меѓу луѓето со високи и со средни примања, сметаат експертите.

И со 30 и со 90 илјади денари вие плаќате исто данок, каде е тука праведноста, вели Горан Петревски, универзтитетски професор.

Тој е зачуден што левичарска влада повеќе го оданочува трудот, наспроти капиталот, бидејќи оние што имаат многу пари на банка, акции, или имот од кој земаат кирии, плаќаат данок по стапка од 15 отсто.

Министерот Тевдовски, пак, тврди дека даночната реформа е успешна. Во првите 5 месеци од годинава, наплатата на данокот на личен доход е за 17,4 отсто повисока од лани, што ги надминува владините очекувања.

Тезите на критичарите беа дека ќе се намали бројот на вработени, ќе се отвораат фирми надвор, младите ќе си заминат, но ништо од тоа не се случи, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.

Тој упати, наместо критичарите, да се прашаат што мислат за реформата и оние 25 илјади сиромашни семејства, за кои почна исплатата на минимален гарантиран приход.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ