
Прогресивниот данок ќе донесе до 40 милиони евра плус во буџетот, велат експертите
Државата ќе инкасира меѓу 30 и 40 милиони евра годишно повеќе пари во буџетот, со воведување на прогресивното оданочување, доколку втората стапка се утврди на 18 отсто, а прагот над 1.000 евра, смета даночниот експерт Павле Гацов. Но, тој укажува дека дури и да не се зголеми даночната стапка и таа да остане само 10 отсто како сега, има голем простор за пораст на даночните приходи во државната каса, само доколку се укинат големиот број даночни ослободувања што сега постојат.
„На пример, кај авторските хонорари, постојат ослободувања од 25 до 60 отсто. Ако осдлободувањето е 60 отсто, тоа значи дека стапката паѓа – од 10 проценти на 4 проценти на бруто приходот. Имаме намалување и кај други приходи, како што се помош, надоместоци, собирање на отпад и кај некои други категории и тоа веднаш значи дека даночната основица се намалува и дека дефакто е променета помала даночна стапка. Ако се тргнат овие ослободувања, тоа ќе значи дека ќе дојде до зголемување на стапката, бидејќи претходно се плаќало 4, 5 или 7,5 отсто, и тогаш стапката и кај нив би изнесувала 10 отсто“, вели Гацов.
Дебатата на оваа тема ја отвори министерот за финансии Тевдовски, според математиките на неговиот ресор, стапка од 18 отсто треба да се применува за дополнителните пари над заработувачката од 1.000 евра, но вицепремиерот Анѓушев не се согласи со овој праг, тој смета дека треба да биде повисок за да не делува дестимулативно. Премиерот Заев на ова кажа дека Владата чии предзнак е левичарски, нема да отстапи од прогресивното оданочување. Како еден од аргументите на првиот финансиер беше и фактот дека со прогресивниот данок повеќе ќе бидат зафатени приходите од капиталот, наспроти оние од трудот. Експертите имаат свои сугестии.
„Бидејќи во овие дискусии беше споменувамно дека не треба толку да се инсистира на оданочување на приходите, туку повеќе на капиталот, тоа би можело да значи дека за некоја категорија обврзници би можело да се примени директно повисоката стапка, на пример, за приходите од закупнини, може веднаш да се прејде на стапка од 18 отсто или некоја меѓустапка од 15 отсто, иако не ја пишува во програмата. Или за приходите од дивиденди, или приходите од камати, иако никој не ги споменува“, вели Гацов.
Според него, тоа се модалитети, кои веќе се обработуваат.
Експертите објаснуваат дека прогресивното оданочување всушност ќе го опфати збирот на сите приходи на даночниот обврзник по сите основи, и од земјата и од странство, а данокот ќе се плаќа на бруто основица. За да се воведе втората стапка, државата ќе мора да инвестира и во адаптирање на софтверот на Управата за јавни приходи.
„Софтверот е прилагоден за рамен данок, значи и тука ќе треба инвестирање за тој да се прилагоди за прогресивно оданочување, и соодветно известување. На пример, еве ако утврдиме дека закупнините ќе се оданочуваат со стапка од 18 отсто, или 15, веќе во самиот софтвер ќе треба да отворите таква позиција што ќе дава шанса да внесувате поинаква стапка од досегашната“, вели Гацов.
Владата оваа реформа ја најави за стартот на идната година. Премиерот Заев рече дека ако прагот остане на 1.000 евра, со мерката ќе бидат опфатени околу 74.000 граѓани, штоп според експертите, е значително повеќе од првично споменатиот процент од два отсто од граѓаните.
Дебатата во Владата на тема прогресивно, или како што го нарекуваат праведно оданочување, продолжува.
Нина Нинеска-Фиданоска