
Прогресивниот данок доби зелено светло од Светска банка, за прагот се потребни анализи
Зелено светло од Светска банка за прогресивното оданочување со кое Владата планира да стартува од идната година. Порачаа дека Министерството за финансии со оваа реформа се движи во исправна насока, но потребни се подетални анализи дали прагот над кој ќе се воведе повисоката стапка од 18 отсто, треба да изнесува 1.000 евра. Светските банкари имаат повеќе аргументи, еден од нив е што рамниот данок кој сега е на сила, иако едноставен за примена, недоволно ја полни буџетската каса, па Македонија, заедно со Албанија и Косово, има најниски приходи во Европа.
„Првата порака е дека во Македонија вкупните приходи процентуално, како учество во БДП, се едни од најниските, а втората порака е дека иако има некои предности, рамниот данок има и неповолности, бидејќи претставува поголемо оптоварување врс сиромашните“, вели Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на СБ во Скопје.
Прагот сепак ќе го утврди Владата, ќе и помогнат експерти од Светска банка од Вашингтон, кои сега ги скенираат бројките. Нивните анализи се речиси идентични со оние на Финансии – дека дури 95 отсто од граѓаните живеат од плата и пензија, а најбогатите два отсто половина од парите ги заработуваат од капиталот. Токму тие имаат бројни даночни ослободувања, кои треба да се намалат. Парите што плус ќе ги донесе прогресивниот данок да се искористат паметно, а не како во минатото, за бесцелни социјални трошења.
Анализата за реформите во пензискиот систем е во тек, Светска банка ќе предложи неколку сценарија, едно од нив е и зголемување на старосната граница за пензионирање. Конечниот збор ќе го има Владата, која сега е далеку од одлука.
Иселувањето е голема болка, според податоците на Обединетоите нации и Виенскиот институт од земјава заминале 25 отсто од граѓаните, а пикот бил достигнат во 2015 година, кога сме имале исторсиски максимум на иселување споредено со 2000-та.
„Доста висок број од овие имигранти се со високо образование, што загрижува доколку земјите сакаат да остварат повисок раст, па ако сакаат да ги задржат, земјите треба да водат политики за да ги задржат овие квалификувани кадри“, вели Бојан Шимбов, економист во Канцеларијата на Светска банка во Скопје.
Сепак, подобри сме од Босна и Херцеговина и Косово, каде заминале дури половина од популацијата.
Генералната порака до Западен Балкан е да го забрза растот, за побрзо да се приближиме до европскиот животен стандард.
„Ако одите со ова темпо, за да се фати чекор со стандардот на земјите од ЕУ се потребни 60 години, а со раст на ниво од пет проценти ќе можат за 20 години граѓаните да го имаат просекот на граѓаните од Западна Европа“, рече Линда Ван Гелдер, регионална директопрка на СБ за Западен Балкан.
Светските банкари имаат позитивни прогнози за економскиот раст во Македонија за блиска иднина, иако за годинава стапката на раст е намалена на 2,3 отсто, споредено со претходната проекција од 3,2 проценти. Прогнозите за земјава се најниски во регионот, но причина за тоа е подолго од очекуваното влијание од политичката криза, што ги намали инвестициите и лани доведе до раст од нула отсто. Но, економијата веќе почнува да закрепнува во 2018, особено преработувачката индустрија. Порачаа дека интеграцијата на земјава во НАТО и ЕУ може да ги забрза структурните реформи и да ја зголеми довербата на инвеститорите, а забрзаниот раст ќе помогне во фискалната консолидација. Светска банка го нотираше и ланското намалување на јавниот долг, прв пат по 2008 година.
Од Светска банка ѝ препорачуваат на владата континуирани заложби за фискална консолидација, воведување на даночни реформи за мобилизирање на приходи, зајакнување на даночни проходи и ревидирање на даночните отстапки, рационализирање и подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите посебно во земјоделстовото, и обезбедување на одржливост на пензискиот систем.
Нина Нинеска-Фиданоска