
Прогласена епидемија на сипаници на цела територија на Македонија
Околу 1000 заболени од вирусот на морбили во повеќе градови во земјава. Високата бројка, го вклучи црвениот аларм. Прогласена е епидемија на морбили во целата земја, па со ова на сите деца кои не се вакцинирани ќе им се забрани одење во градинка. Освен оваа мерка се намалува и старосната граница за вакцинирање од 12 на 6 месеци. Нема дополнителни мерки за основците и средношколците, но ќе можат да се вакцинираат oние кои не ја примиле вакцината за мали сипаници.
И во соседството не стивнува бранот на новозаразени. Последната информација за Бугарија е дека има околу 100 нови случаи на заразени со вирусот. Директорот на центарот за заразни и паразитски болести ги предупредува семејствата со мали деца особено оние кои се невакцинирани, да не ја посетуваат Македонија. Кај нас нема предвидено такви мерки.
Во моментов на инфективната клиника се хоспитализирани 55 пациенти, 29 возрасни и 26 деца. Во потешка здравствена состојба со компликации се 7 од нив. Светската здравствена организација предупреди дека бројот на случаи на сипаници ширум светот речиси четири пати се зголемил во текот на првите три месеци од годинава во споредба со лани.
Теодора Цветковска