
Продолжуваат препукувањата меѓу Кривичен и адвокатот Страшевски
Како се ближи 13 јануари, датумот за судење, војната меѓу Кривичен и одбраната во „ТНТ“ се интензивира. Кривичниот суд објави доказ за да ја поткрепи тезата дека одбраната прави опструкции за да го одолговлечи судењето. Известување од адвокатот Јовица Страшевски, со вчерашен датум, кој објавува дека е на одмор до 17 јануари. За ова од судот велат ќе ја известат адвокатска комора и ќе бараат да отвори итна постапка
Адвокатот Страшевски пак од утринава има други обвинувања за судот. Тврди дека поротничката поднела неотповиклива оставка поради истек на мандатот и го информирала Претседателот на Кривичен Иван Џолев дека повеќе не сака да присуствува на рочиштата. Оставката и официјално ја доставила во архивата на судот и го информирала претседателот на судот. Но Џолев како што пишува Страшевски, не ја прифатил оставката и итно ја повикал за да и изврши притисок да присуствува на рочиштата за „ТНТ’. Адвокатот бара МВР и обивнителството да го истражат ова.
Од Кривичен потврдија дека поротничката вчера побарала прием кај претседателот на кривичен, но не за да даде оставка туку дека прима закани за да се откаже од „ТНТ“. Џолев ја уверил дека ги користи сите легални механизми да и го заштитат интегритетот и угледот и доколку е неоходно може да добие и обезбедување, поротничката се согласила да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет. Но од судот се зачудени од тоа што адвокатот, кој официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци. Прашуваат и како и од каде знаел какви дописи се доставуаат до судот, од други лица, кога истите се доставуаат само до приемното одделение?
Одбраната на обвиниетите во „ТНТ“ секојдневно повторува дека мандатот на поротничката Кочовска е завршен на 24 декeмври и таа не смее повеќе да учествува во советот што суди за „ТНТ“. Судот пак е на став дека за престанок на мандат на судија поротник одлучува Судскиот совет, чија седница беше одложена на крајот на годината и закажана за 27-ми јануари. Во меѓувреме судот закажа дополнително 10-тина нови рочишта за да го заврши предметот кој е пред самиот крај, затоа што во спротивно со нов поротник ќе мора да започне од почеток, на што одбраната пак жестоко се спротивставува и најавува и кривични пријави.
Елена Ивановска Мукоска