Продолжува судењето за несреќата кај Ласкараци

Со медицинско помагало , повредени пршлени и рбет во Кривичниот суд денеска дојде Љуљзим Далили , еден од седумте преживеани патници кои беа сослушани како сведоци за несреќата кај Ласкарци. Далили седел во прв ред и тврди дека пред автобусот да излета од патот возачот не закочил и удрил во три банкини крај патот пред да се прврти.

Во судницата за трагедијата во која автобус на Дурмо Турс не стигна до предвидената релација сослушан како сведок е и Беким Амети.  Рече дека автобусот не кочел. Седел во четвртиот ред, па не се сеќава дали возачот ги предупредил патниците дека губи контрола над возилото. Следно на што се сеќава е дека е пренесен во болницата 8ми септември. Амети пред несреќата бил редовен патник на оваа компанија, а пред судот кажа дека автобусите не биле исправни – вратите не се затворале , често немало клима. Тврдеше и дека неколку месеци пред трагедијата кај селото Ласкарци , истиот возач Маноил удрил во автомобил на Партизанска.  

Сведочеа уште петмина, а една од оштетните не се појави во судницата затоа што е на лекување во странство.

На минатото рочиште се произнесуваа правните застапници на дел од оштетените и семејствата на починатите патници. Поголем дел од нив се изјаснија дека се приклучуваат на кривичниот прогон, и дека ќе бараат оштета. Следното рочиште е закажано за нареден месец.

Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски. За автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица. Тројца се товарат за  за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и тројца за соучество.  

Теодора Цветковска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ