
Продолжува неизвесноста – ќе остане ли Охрид заштитено културно наследство?
Најодговорните институции за заштита на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, целосно затаија кога беше најпотребно, што придонесе за уништување на универзалните вредности на Охрид до степен тој да се најде на чекор од губење на статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО, смета неформалното еколошко движење Охрид SOS.
Сериозно не беа сфатени ниту предупредувањата на светската организација уште во 2017 година, за што говори фактот дека од 19 препораки на Реактивната мисија нашата држава целосно спроведе само три, велат екологистите.
Поради тоа на состанокот на Комисијата за светско наследство кој се одржува во Баку, Азербејџан, се предлага Охрид да биде ставен на листа на заштитени подрачја во опасност.
Евентуалното симнување на Охрид од листата на заштитени подрачја од УНЕСКО, можеби е и добро за да се свестиме, вели Талевски.
Додава дека сега се потребни конкретни, брзи и радикални мерки за да се спаси заштитеното светско природно и културно наследство каде општината изброи над 400 дивоградби, од вкупно 1076 евидентирани во регистарот кој експресно беше изготвен за само еден месец. Но, што со нив?
На 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку сепак има и позитивни вести за Охридското Езеро.
Се очекува да биде усвоен предлогот албанската страна од езерото да биде ставена под заштита на УНЕСКО, што дава надеж Македонија преку лобирање да избегне негативна одлука за Охридскиот регион.
Неофицијално државната делегација во која учествува и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, ќе бара пролонгирање на одлуката до февруари 2020 година, за да ги испорача барањата на реактивната комисија кои требаше да бидат целосно исполнети минатата година. Сепак последниот збор ќе го има Комитетот за светско наследство.
Горан Момироски