
Продолжува легализацијата на дивоградби
Ќе продолжи легализацијата и на новите дивоградби, но веќе не по едно евро за квадрат, туку многу поскапо. Сите што ќе сакаат да ги легализираат своите дивоградби изградени после 3 март 2011 година, тоа ќе можат да го направат, но не за едно евро по квадрат, туку ќе мораат да ги платат сите регуларни комуналии, плус одреден процент за пенали, најверојатно околу 50 отсто или половина од вредноста на комуналиите. Ова го бараат градоначалниците, откако денеска Управниот одбор на ЗЕЛС имаше состанок, на кој не ја прифатија првичната нацрт верзија за легализација на дивоградбите подготвена од Владата, а со која се предвидушаше легализација на сите објекти изградени до крајот на 2018 година. Работна група формирана од градоначалници и претставници на Министерството за транспорт ќе работи или на подготовка на ново законско решение, или на дополнување на сегашниот закон, но клучна работа на која ќе инсистираат градските татковци е веќе да престане сегашниот начин на легализација, со кој се доведуваа во нерамноправна положба граѓаните кои си ги платиле сите комуналии.
Од друга страна, дивоградбите беа и голем товар на општините, бидејќи, како што вели Шилегов, тие создавале голем притисок за нив да се градат патишта и останата инфраструктура
Според податоците со кои располага ЗЕЛС, во земјава во моментов има над 70 илјади дивоградби, најмногу индивидуални, но и деловни објекти, кои би можеле да бидат предмет на легализирање. Законските новини, како што тврди првиот човек на ЗЕЛС, не се носат под политички притисок, туку под притисок на граѓаните во општините, кои сакале да ги легализираат своите објекти. За оние дивоградби кои нема да се вклопуваат во урбанистичките планови на општините, ќе мора да се оди на нивно рушење.
Претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 донесе закон со кој дозволи сите дивоградби изградени до 3 март 2011 да се легализираат, само со барање и изјава, како и со сметка за вода или за струја. Процесот на доставување на барања се пролонгираше во неколку наврати, а се очекуваше целосно да заврши до 2023 година. За граѓаните што веќе ги легализирале објектите за едно евро по квадрат или поднеле барања, ќе важат старите правила, тие практично ја искористиле ситуацијата, а Шилегов тврди дека за тоа не треба да се обвинува оваа, туку претходната власт. Со тој Закон беа поднесени над 430 илјади барања, а се легализираа над 200 илјади дивоградби.
Новиот закон требна да биде донесен оваа година. Во него нема да биде наведена временска рамка за кои дивоградби ќе важи, а целта е да се дестимулира незаконското градење, секој што ќе влезе во незаконско градење, да знае дека тоа скапо ќе го чини.
Нина Нинеска Фиданоска