
Продолжува караницата меѓу владата и опозицијата за уставните измени
На девет дена пред референдумот, не стивнува караницата меѓу власта и опозицијата околу уставните измени, што ќе следат доколку тој биде успешен. Од ВМРО ДПМНЕ упорно обвинуваат дека измените се веќе подготвени, и тоа од грчката страна, додека од владата негираат, истовремено обвинувајќи дека опозицијата ги бомбардира со лаги, за да не им дозволат да се фокусираат на референдумот. Тврдат дека работата на измените ќе почне по граѓанското изјаснување.
Од ВМРО ДПМНЕ пак, и денеска ги повторија обвинувањата дека измените на уставот се изготвени од грчки експерти и дека се доставени до нашата влада преку нон-пејпер.
Стоилковски негира дека излегувањето на дваесетина пратеници во јавност со став дека нема да ги гласаат уставните измени, е всушност тактика со која партиското раководство јавно не повикува на бојкот, но затоа тоа го прават останатите. Тврди дека тоа е всушност потврда на ставот на претседателот Мицкоски, кој повика секој да постапи по свое убедување. Во тој контекст, вели Стоилковски, е и ставот на членот на Извршниот комитет, Костадин Богданов, кој во интервју рече дека дел од членовите на ВМРО ДПМНЕ размислуваат да го поддржат договорот.Ова, пак, за вицепремиерката Шеќеринска е доказ дека опозициската партија повеќе тера партиска отколку државна политика, постојано менувајќи ставови за исто прашање.
Изјавите на пратениците на ВМРО ДПМНЕ, дека нема да гласаат за уставните измени, следат веднаш откако партискиот претседател во телевизиска дебата изјави дека,: „Ако референдумот биде, ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува“.
Далиборка Дамјанска Цветановска