
Продолжува изградбата на фабрика за отпад за штипскиот регион
Не е стопиран процесот за изградба на современата фабрика за отпад за штипскиот и кумановскиот регион децидна е директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева. Откако Телма објави дека локалната власт на Свети Николе по две години од изборот на локацијата бара дислокација на депонијата од Мечкуевци, кај селото Богословец, Здравева со став дека на проектот се потрошен речиси десет години, а за анализите и студијата за локацијата 850.000 евра од европските фондови.
Светиниколскиот градоначалник бара да се смени локацијата, бидејќи биле потребни дополнителни инвестиции во клучки, патишта, а се обработувало земјоделско земјиште и се отварале угостителски објекти околу Мечкуевци. Здравева со порака до градоначалниците да го прочитат проектот, кој не значи изградба на отворена депонија, туку станува збор за современа фабрика, која ќе има три претоварно станици во Штип, Куманово и Кочани.
Истокот и североистокот во моментов ги ликвидираат двете регионални претпријатија, а до март 2019 година треба да формираат едно заедничко претпријатие, кое ќе стопанисува со фабриката за отпад и ќе почне да ги користи 36 милиони евра од Европската унија за набавка на камиони, специјални контејнери и изградба на системот за интегрално управување со отпадот.
Во меѓувреме Свети Николе очекува за 20 дена да добие одговор од Владата и од Министерството за животна средина за барањето за промена на локацијата.
Виторија Јованова