Продолжи изградбата на гасоводот преку Водно, сртот претрпе нова сеча на дрвја

Градежните активности на Водно продолжија, се гради гасоводната траса која ќе минува преку планината.

На социјалните мрежи денес, кружат видеа и фотографии од најновата сеча на дрвја и зелени површини. Се подготвува теренот кај сртот наречен Бел Камен.

Невладините постојано апелираат да запре изградбата и да се одбере алтернативна траса.

По бројните реакции во јавноста, Владата на последната седница одлучи да продолжи изградбата на гасоводот, но, само по видоизменета траса.

„Со денешното излегување на терен, можевме да заклучиме дека е продолжено со работите на сртот на Водно, должина од 400 до 500 метри кон Шишево. Оваа работа е продолжена веднаш по соопштението на Владата. Работено е веќе 2-3 дена, во моментот додека ние го држевме и нашиот прес. Би сакале да ја повикаме Владата да ја преиспита својата одлука и да го повлече решението за градење на гасоводната траса по сртот на Водно, Би сакале да повикаме на една јавна дебата каде што сите страни би можеле да го презентираат своето мислење и своите аргументи, за јавноста да се стекне со дополнителни информации околу гасоводната траса“ кажа Андреј Јанковски од иницијатива „Го Сакам Водно“

За продолжувањето на изградбата реагираа и од О2 коалицијата. Според нив, изјавите на градоначалникот Шилегов дека Скопје би ја спречил гасификацијата на западна Македонија, ако гасоводот не поминува преку Водно, се обид за политички поени.

„Водно е парк-шума, заштитено подрачје, регистрирано наследство, кое сега државата го самонегира. Водно не е место за градби, било какви. Водно не е само дрвна маса, Водно е ретко блиска природа до град, Водно е климатски регулатор, заштитник од порои, поплави како на Скопска Црна Гора и филтратор против отровни честички за убрзување смрт. Водно е Водно, и не се чепка!“ е ставот на О2 коалицијата.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вети дека ќе се потрошат 700 000 евра за обновување на парк-шумата, по изградбата на гасоводот.

„И додека надлежните уверуваат дека по изградбата на гасоводот теренот повторно ќе биде пошумен и нема да се препознае дека таму се изведувале градежни работи, зелените активисти се сигурни дека тоа е невозможно поради тоа што корењата од дрвјата можат да ги оштетат цевките“

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ