
Пробниот попис тече, опозицијата реагира
Домаќинството на Тања Донева од скопската општина Кисела Вода е едно од првите кои го пополнија пописниот прашалник. На истата адреса живеат три семејства, а дел од членовите подолго време се надвор од земјата.
Обучениот попишувач ги внесува податоците во апликацијата, а точноста на информациите се проверува во претпописната база на податоци.
Клучот на апликацијата е матичниот број. Ќе се евидентира кој живее во земјата, кој е привремено отсутен а кој е над една година во странство. Овој дел од Кисела Вода е еден од 32-та пописни круга во 13 општини во кои до 30-ти јуни ќе се спроведува пробниот попис. Податоците нема да се објавуваат, бидејќи ова е само тест на апликацијата за главниот попис во април 2020-та.
Законот за попис се уште не е донесен. ВМРО ДПМНЕ бара да учествува во неговото конципирање. Обвинува дека се работи спротивно на меѓународните препораки и дека владеачките партии прават политички пазар.
ВМРО ДПМНЕ лаже дека не била консултирана, возвраќа СДСМ. Потсетува на пропаднатиот попис од 2011 кога поради политички калкулации биле потрошени над 3 милиони евра.
Последниот попис во земјава беше реализиран во 2002-та. Во 2011 почна но беше прекинат по 10 дена со оставка на целата пописна комисија.
Соња Николовска