
Приведени сопственици на три локали во Скопје, офицер криел дека патувал во странство и е негативен на вирусот
Четворица сопственици на продавници и угостителски објекти во скопско и во Дебар се приведени синоќа и претпладнево поради тоа што служеле пијалоци и собирале гости во своите објекти спротивно на забраните. Сите добиле кривични пријави по членот 205.
Во скопско Маџир маало соптвеник на продавница изнел маси и продавал пијалоци вчера попладне, а кога дошла полицијата ги навредувал и поради тоа е осомничен и со пријава за омаловажување. Слична ситуација имало и во кафеана во скопски Чаир каде внатре во објектот имало и гости. Трет скопски случај е во Булачани каде се собирале луѓе пред продавница на гајби.
Полицијата проверувала и десетици чајџилници во приградските населби Сарај, Арачинови и Ченто каде сопствениците прибираат гости, но ги гаснат светлата. Од скопската полиција велат дека тогаш полицајците мора со батерии да проверуваат низ темните локали дали се кршат мерките и се собираат повеќе од 5-мина што е забрането, но пред се опасно за ширењето на вирусот.
Во Дебарскиот карантин пак е приведен и осомничен 61-годишен сопственик на локал кој го отворил објектот и прифаќал гости.
Во генералштабот на АРМ и во министерството за одбрана е откриен офицер кој криел дека бил на приватен пат во Сараево во време кога се пропишани мерките. Тој откако се вратил во Скопје, учествувал и на состаноци, а не го пријавил своето патување надвор од државните граници.
Од министерството за одбрана за Телма велат дека на офицерот му е направен тест и тој е негативен на вирусот, но ќе се преземат сите законски мерки против него затоа што не ги почитувал препораките на владата во време на епидемија.
Во тек се последните анализи и оперативни проценки во армијата и во одбраната за учество на војниците во полициските задачи. Припадниците на армијата ќе ја заменат и ослободат полицијата во обезбедувањето и заштитата на државната граница како и во чувањето на виталните државни институции како што се Собранието, владата и министерствата.
Оперативниот план веќе е направен, но се чека на одлука на владата за активирање на планот. Во секоја задача на територијата на државата, армијата мора да ја изведува во присуство на полиција.
Обвинителството соопшти дека досега против 27 граѓани кои ги прекршувале мерките и не се придржувале до самоизолацијата се поднесени пријави со предложени глоби во висина и до неколку илјади евра.
Кавадаречкиот суд по една пријава му пресуди на еден лекар и казна од 4 и пол илјади евра кој не ја почитувал превземената обврска за самоизолација.
Поради однесувањето на несовесниот лекар судот воК Кавадарци го прогласи за виновен поради тоа што ги оцрнува сите лекари и во пресудата напиша образложение дека состојбата со лекарот е „исклучително тешка и особено штетна за угледот и интегритетот на здравствените работници, особено што во овие околности на живеење се испраќа негативна порака од оние кои треба да го унапредат системот на превенција и заштита“.
Миомир Серафиновиќ