
Приведени штипските насилници, девојката ќе добие психо-социјален третман
На видеото кое беше објавено на социјалните мрежи и во медиумите се гледа дека двајцата насилници се изживуваат врз девојката, ја клоцаат и навредуваат. Таа ги моли да престанат, а тие ја обвинуваат дека излажала дека е бремена. Истрагата утврдила дека настанот се случил во јануари годинава, додека девојката била на гости кај нејзина другарка. Таму дошле и насилниците, по што почнала вербална расправија, насилно ја извлекле од куќата, и` го одзеле мобилниот телефон и ја одвлекле во влез на зграда, каде крвнички ја истепале. По насилството, девојката не повикала полиција, се вратила кај другарка и, по што со такси си заминала дома. Откако денеска видеото беше објавено на фејсбук, насилниците се приведени, а предмет по допрен глас отвори и Основното јавно обвинителство.
Неофицијално, жртвата не е бремена, но била во партнерски однос со еден од насилниците, што е основа за покренување на постапка и за семејно насилство. Полнолетна е и живее со родителите.
Од Центарот за социјални работи од Штип ги обавиле првичните разговори со неа, понудена и е психо-социјална помош, поддршка и третман. Девојката била збунета и вознемирена, делумно и поради притисокот од јавноста. Не ги дала потребните изјави за да се покрене постапка за семејно насилство пред суд, но социјалните работници ќе разговараат со неа и утре. Во случајот се вклучени и од здружение кои работат со жртви на насилство.
Најстрога казна за насилниците денеска побара и штипскиот градоначалник.
Откако се дозна идентитетот на тепачите, тие добиваат и закани на фејсбук, а јавноста бара најстроги казни. Во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од три месеци до три години за малтретирање, грубо насилство, навредување, загрозување на сигурноста и предизвикување на чувство на несигурност или страв во јавноста.
Далиборка Демјанска Цветановска