
Приведен Васе Доневски, поранешен директор на СОЗР, чие име се споменуваше во „бомбите“
Попладнево е приведен на распит поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи, Васе Доневски.
Истрагата ја води финансиската полиција, а директорот на оваа Управа Арафат Муареми само кратко потврди дека во тек е постапка за која повеќе детали ќе бидат соопштени на закажаната за утре прес-конференција.
Според првичните информации, станува збор за сомнежи за финансиски криминал и корупција, а причинетата парична штета е голема. Во тек се претреси на повеќе објекти.
Претрес се врши и во објект на поранешниот директор на СОЗР, потврдија за Телма, извори од истрагата. Покрај него осомничени се повеќе лица.
Долгогодишен прв човек на оваа владина агенција беше Васе Доневски. СОЗР има голем буџет, а голем дел од набавките за потребите на владата одат преку таа служба.
Приведените се префрлени во полициска станица Центар позната и како Беко.
Доневски беше еден од првите функционери од власта на Груевски, Владата на Заев ги разреши, а неговото име се споменуваше и во дел од т.н. бомби, односно прислушувани рзговори што ги објавуваше СДСМ.