
Притвореникот со корона кој почина спомнат во спогодбата со која се признава вина за измами со ФБ-продажба на ресенско јаболко
Обвинителството соопшти дека со тројца осомничени од Ресен склопиле спогодба за признавање на вина за кривично дело измама откако преку фејсбук измамиле 4 фирми од Русија, Бих, Словенија и Унгарија дека ќе им продадат јаболки. Кога на почетокот на март беше отворен предметот имаше 4-ца осомничени.
4-тиот осомничен не ја дочека спогодбата откако на 8-ми април почина во притвор во Шутка неколку дена пред да излезе. Посмртно, на притворениот ресенчанец му беше утврдено дека е позитивен на корона вирус. Министерот за здравство Венко Филипче првично соопшти дека причината за смртта е срцев удар иако се уште не се познати резултати од обдукцијата со утврдената причина за смрт на 47-годишниот притвореник.
Според информациите на Телма, починатиот преку својата одбрана учествувал во договарањето и неколку дена после смртта требало да биде пуштен од притвор. Во притвор и меѓу осомничените беше и синот на починатиот, а после тестирањата на над 50-тина затворски службеници и притвореници кои биле во контакт со заболениот немаше ниту еден позитивен на Ковид 19.
Битолското обвинителство ја прифатило спогодбата и за двајца осомничени меѓу кои и синот на починатиот притвореник предложило условни казни, додека првообвинетиот е осуден по спогодбата на 20 месеци затвор. Обвинетите доброволно ја надоместиле штетата на 4-те странски компании во висина од околу 60.000 евра.
Обвинителството на март објави дека осомничените преку Фејсбук профил „TopFruit Fruit“ објавиле дека продаваат јаболка по што стапиле во контакт со секој од оштетените. Парите ги добивале, но стоката ресенско јаболко не била испратена на странските пазари.
Во продолжение денешното соопштение на Обвинителството:
По сеопфатна истражна постапка против четири лица од Ресен осомничени дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Измама“ од чл.247 ст.4 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд Битола достави предлог спогодби за тројца обвинети.
Осомничените на почетокот оваа година, со лажно прикажување на факти дека преку правно лице од Ресен можат да им продадат земјоделски производи, довеле во заблуда четири правни лица од Република Словенија, Република Унгарија, Босна и Херцеговина и Руската Федерација. Оштетените правни лица вршеле уплата на договорен износ на сметка на правното лице од Ресен, а осомничените ги подигнувале уплатените парични средства и ги трошеле за сопствени потреби, неиспорачувајќи ги договорените земјоделски производи.
Во текот на истражната постапка, осомничените доброволно ја надоместиле севкупната штета на оштетените правни лица во вкупен износ од 49.170,00 американски долари и 17.466,00 евра. Тројца од осомничените ја признаа вината и побараа да се спогодат со обвинителството, додека еден од осомничените во текот на постапката почина и против него постапката е запрена.
Основниот суд Битола ги прифати предлог – спогодбите и со пресуди на двајца од обвинети им изрече алтернативна мерка – условна осуда со што им е утврдена казна затвор во траење од две години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години не сторат ново кривично дело, додека еден од осомничените е осуден на казна затвор во траење од една година и осум месеци.