Притвор за поранешениот шеф на УБК, Атанасовски за „крвавиот четврток“

30-дневен притвор му е одреден доцна синоќа на поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски. Притворот му е одреден поради инволвираност за упадот во Собранието на 27 април познати во јавноста како „крвавиот четврток“.

Атанасовски беше уапсен ноќеска, еден ден по сведочењата на обвинетите во судскиот процес за 27 април, Стефан и Михаил Младеновски и Захарие Симовски, кои го посочија како организатор на упадот во Собранието и нарачател на насилства и кривични дела врз членови и симпатизери на тогашната опозиција. По нивните искази, Обвинителството отвори предистрага, а веднаш потоа и истрага и Атанасовски беше осомничен за кривично дело Здружување заради непријателска дејност, за кое Кривичниот законик предвидува минимална затворска казна од четири години. Атансовски функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016, откако Сашо Мијалков си поднесе оставка. На функцијата  остана до 16 јуни 2017, додека  не беше почната истрага за организирањето на нападот на Собранието на 27 април и на сè што им претходело на тие настани.

Атанасовски беше спроведен во Кривичниот суд на распит, а обвинителството побара притвор по сите три основи, односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело. Обвинителката Вилма Русковска додаде и дека истрагата ќе се проширува без да прецизира во која насока и кон кои лица. За одбраната,  обвинителката им дала доверба на луѓе кои се соочуваат со доживотна затворска казна.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ