
Пристигнуваат амандманите за Законот за јазици
Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ досега поднела 70 амандмани на Законот за употреба на јазиците. Колку ќе бидат дефинитивно на број, ќе се знае утре, после одговорот на владејачкото мнозинство за нивните барања за повлекување на законот и за доработка од страна на работни групи составени од експерти.
Координаторот Влатко Ѓорчев вели дека тие се подготвени да разговараат за законот, за кој сметаат дека треба да биде донесен со консензус, преку дијалог и истовремено да биде во согласност со Уставот, а не поради желбата на СДСМ и ДУИ, по секоја цена да останат на власт.
Од пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери, се уште се двоумат дали да ги поднесат истите амандмани.
Со јавна реакција за носењето на Законот денеска излегоа и од невладината “Мрежа РИА”, во која членуваат десет организации, кои работат на проценка на влијанието на законите кои се носат и нивната усогласеност со европското законодавство. Велат дека, законот не е базиран на докази, не е инклузивен и не ги надминува политичките мотиви, со што е лишен од општа јавна и политичка поддршка.
Потенцираат и дека, тврдењето дека, законот е дел од процесот на европската интеграција и затоа му ставаат европско знаменце, е контроверзно. „Начинот на кој беше донесен Законот ја оддалечува Владата од нејзината суштинската реформска платформа.Не е направена проценка на влијанието, не се испочитувани потребните чекори, а засегнатите страни се исклучени од јавна дебата.
Пред изгласувањето не е добиено мислењето на Венецијанската Комисија, а додатен недостаток е избегнувањето на расправата по однос на 90 –те предлог амандмани поради истек на рокот. Ги повикуваме Владата и Парламентот, во следните фази да ги исполнат слабостите и незаконитите аспекти од донесувањето на Законот„ се вели во реакцијата на граѓанските организации.
Далиборка Демјанска