
Пристигна првиот тим на НАТО во Македонија
НАТО го испрати првиот тим во Македонија, со што и официјално почна скринингот што е дел од процесот на претпристапни преговори. По првата средба со националниот координатор, Директорот на тимот, Џејмс МекКи, изјави дека на Македонија ќе и требаат најмалку 18 месеци за да стане членка на НАТО. Досегашното искуство од проширувањето, вели, покажува дека ова е периодот што е потребен да завршат внатрешните процедури и одлуката да биде одобрена во парламентите на 29-те земји членки и покрај тоа што, Македонија, која веќе долг период е дел од акцискиот план на Алијансата за проширување, е подготвена.
Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски е задоволен од тоа што Алијансата за брзо време испрати делегација за отпочнување на пристапните преговори. Се разговара за различни прашања поврзани со пристапниот процес,но не и за политичките процеси поврзани со договорот од Преспа, кои се домашна задача.
Делегацијата, предводена од МекКи, се сретна и со премиерот Зоран Заев, со министрите, за внатрешни работи, за надворешни и за одбрана и со нивните тимови. Македонија ја доби поканата за почеток на претпристапните преговори, на неодамнешниот самит во Брисел. Главниот услов е спроведување на договорот од Преспа, но потребно е и сите национални процедури да бидат навреме завршени. На крај следи ратификацијата од сите земји членки на НАТО, по што Македониај ќе може да стане 30-та земја членка на НАТО.
Далиборка Дамјанска Цветановска