
Примената на Законот за јазици се подобрува
Секоја институција треба да има преведувач. Така ќе покаже волја за подобрување на примената на албанскиот јазик, вели Илбер Села.
Тој раководи со Агенцијата за примена на јазикот, која веќе една година дава поддршка во менувањето табли, формулари и во воведувањето на вториот јазик во службената коресподенција.
Од ДУИ велат дека Законот за јазици ќе продолжи да се имплементира, вклучувајќи ги и одредбите за униформите.
Токму за двојазичните униформи и банкноти, Венецијанската комисија изрази мислење дека тоа е надвор од правата предвидени со Европската конвенција, но и дека има такви примери.
Искуствата на европските земји на повеќејазичен план, можеа да се слушнат на неколкудневната Конференција за мултилингвализмот. Швајцарија е земја каде официјални јазици се германскиот, францускиот, италијанскиот и латинскиот, иако 63 одсто од населението говори германски.
-Шест од десет деца пораснати во Швајцарија вообичаено говорат повеќе од еден јазик, плус англиски. Ако ме прашате што го прави мултилингвализмот во Швајцарија уникатен, ќе ви одговорам дека тоа не е индивидуално, туку генерално како политика и како идентитет воопшто, оцени швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада.
–Имплементацијата на јазичните права често е предуслов за реализирање на други човекови права. Од посебна важност е слободата на говор, изборните и партиципативните права, правата на образование, социјална заштита и на заштита со закон. Финска има Национална стратегија, но важно е да се дејствува на свеста за јазикот на другиот, вели финскиот амбасадор Кимо Ладевирта.
Неодамна, во земјава се формираше Инспекторат кој ќе ја контролира примената на Законот за јазиците. За непочитување на законот, предвидена е глоба од 4 до 5 илјади евра.
Соња Николовска