
Пријава за физички напад за градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески
Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески заработи пријава за физички напад врз главниот судија Фатмир Бафто на натпреварот од Третата фудбалака лига Југозапад помеѓу локалниот клуб Сатеска и лидерот на табелата ГФК Охрид Лихнидос, што се одигра изминатиот викенд во селото Волино. Судија Бафто тврди дека Ногачески кој не бил службено лице на натпреварот, на полувреме при минимално водство на домаќинот, неовлстено влегол на теренот и го нападнал.
Судијата Бафто за напад го пријавил и службеното лице на домаќинот Стевче Бочески, бидејќи сакал да ги затвори во соблекувалната од стадионот при што интервенирала полицијата.
Градоначалникот Ногачески, демантира дека физички го нападнал судијата. Вели дека лично го пречекал пред мечот и побарал од него единствено фер судење на натпреварот. Тоа според него не се случило, поради што на полувреме од трибините каде го следел мечот, влегол на теренот само вербално да му укаже на судијата на пропустите. Тврди дека на натпреварот имало многу заткулисни игри со цел да го добие гостинскиот тим и дека е подготвен да се соочи со правдата.
Тензичниот натпревар кој заврши без победник 1:1 не е официјално регистриран во ФФМ. Делегатот на натпреварот ги нотирал инцидентите, а главниот судија најавил дополнтелен извештај.
Горан Момироски