
Придавката македонски се користи за етничкиот идентитет
Придавката македонски ќе се употребува во називите на институциите секогаш кога тоа е поврзано со македонската култура и со етничкиот идентитет на македонскиот народ. Според ваков принцип се називите на Македонскиот народен театар и на Музејот на македонската борба за самостојност, објаснуваат од Владата.
Државната химна нема да се менува, ниту имињата на градовите Македонски Брод и Македонска Каменица. Се уште се прават консултации за називот на МАНУ, на Армијата и на уште неколку институции. Секаде каде што во називите се споменува Република Македонија, ќе бидат направени корекции во согласност со новото уставно име на државата, како на пример Претседател на Република Северна Македонија. По истиот принцип, ќе бидат Влада на Северна Македонија, Собрание, Музеј, Државен архив, Управен суд, Уставен суд, Народна банка, Аеродроми, Централен регистер, Железници на Северна Македонија и така натаму. Третиот принцип важи за државни институции од национален карактер.
По овој принцип се и: Национална радио-телевизија, Национална радиодифузија, Национални шуми, Опера и балет, Банка за поддршка на развојот, Национална информативна агенција, Национална пошта и други. Владата објави листа со новите имиња на 136 државни и јавни институции финансирани од Буџетот. Промената на сите табли треба да се заврши во рок од четири месеци.
Соња Николовска