Прибе потсетува на владеење на правото

Владеењето на правото е клучно за приближување кон Европската унија. Тоа е значајно не само заради напредок во евроинтегративниот процес туку заради самата држава и нејзините граѓани. Вакво мислење изрази европскиот експерт Рајнхард Прибе, избегнувајќи да посочи на која од реформите што ги препорача неговиот тим, треба да и се даде предност.

-Девет месеци по нашиот втор извештај, ЕК даде добра оценка. Постигнат е значителен прогрес, но има уште работа. Потребни се реформи во владеење на правото, што е централен приоритет за да се дојде до прогрес. Не можам да издвојам некоја препорака посебно, се работи за серија реформ. Владеењето на правото е клучно за приближување до ЕУ и сите сили во општеството треба дабидат фокусирани на тоа, вели Рајнхард Прибе.

Прибе предводеше тим од петмина европски ескперти кои ги скенираа состојбите во земјава. Поднесоа извештаи во 2015-та и во 2017-та со препораки за итни реформи во четири области: судство, спроведување на закони и обвинителство, независни тела и медиуми и граѓанско општество. Не сака да дава прогнози дали Македонија сега ќе добие препорака за почнување преговори со ЕУ. Бугарската професорка Шикова, без да го коментира проблемот на Македонија на европскиот пат, ги повика земјите од Балканот да покажат заемно разбирање.

– Земјите од Западна Европа направија европско чудо: држави кои во Втората светска војна војуваа меѓу себе сега живеат во мир, разбирање и просперитет. Се надевам дека Балканските држави ќе го следат тој пример, ќе ги надминуваат споровите со заемно разбирање и ќе направат балканско чудо, вели Ингрид Шикова, проф.по политики на ЕУ при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

 На Конференцијата за реформа на безбедносните структури, Прибе и Шикова рекоа дека Унијата и Западен Балкан мора да соработуваат на безбедносен план заради поголема безбедност на континентот.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ