
Прибе: ЕУ има сериoзни проблеми со своите членки поради владеење на правото, ќе биде построга кон кандидатите
Европската унија има сериозни проблеми со земјите членки и владеење на правото кај нив, токму поради ова ќе биде построга кон оние кои сакаат да влезат во унијата.
Ова е само една од пораките која на меѓународна научна конференција ја истакна правниот експерт на Европската комисија Рајнхард Прибе, во земјава познат по својот експертски тим кој преку два извештаи прецизираше какви правосудни реформи се потребни.
Сега за конкретната ситуација со која е блокиран процесот за преговори за нов закон за Јавно обвинителство ништо не спомена, но рече дека со бавен напредок се соочуваат земјите во Западен Балкан.
“Понекогаш се потребни промени во законодавството а за тоа ви се потребни политичари. Политичари кои што се независни и кои што ќе направат соодветни реформи, но и ќе има политичка воља за тоа. Правниот систем во земјава е воспоставен за да има независност во правосудството но понекогаш има негативни насоки за да се воспостави мост помеѓу политиката и правниот систем. Земете ги добрите примери и бидете свесни дека има поврзаност меѓу функционирањето на демократијата и владеење на правото” – вели Прибе.
И за правните експерти конференцијатаа доаѓа во вистинско време кога се случува колапс на договорот меѓу политичките партии.
Сепак сметаат дека нема нерешливи ситуации во законите и тие не дозволуваат постоење на правен вакум.
“Значи процедурата за избор на нов специјален јавен обвинител треба да се отвори веднаш, значи тоа е решението. Нема друго решение доколку оваа конфронтација помеѓу двете политички партии се пролонгира” – оценува Камбовски.
Експертската група на Прибе објави два извештаи во кои а препораките за реформи во судството беа ургентни.
Сега тој само како гостин на конференција доаѓа во време кога Специјалната обвинителка катица Јанева е зад решетки, СЈО згаснува а неизвесна е судбината на неговите предмети, нема договор за законот за јавно обвинителство, а вчера е разрешен и првиот човек на врховниот суд Јово Ванѓеловски.
Билјана Николовска