Презентирани две сценарија за ефектите од Кови-19 врз туристичко- угостителскиот сектор

До август или септември, масовно се откажани аранжманите во туристичкиот сектор во земјава, а има и драстичен пад на бројот на туристи, што се очекуваа од странство, стои во Студијата за ефектите од Ковид- 19 врз туристичко – угостителскиот сектор во земјава. Студијата вклучува две сценарија за ефектите од епидемијата до јуни или до крајот на годината, според кои меѓу 2.000 и 12.000 или 4.000 и 20.000 работници ќе ги изгубат работните места, а на повеќе компании ќе им требаат најмалку 6 месеци до една година, за да закрепнат.

Долг, мачен и неизвесен период во туристичко – угостителскиот сектор поради пандемијата од корона вирусот, нотирале економските експерти во Студијата , која денеска беше претставена. Таа предвидува две сценарија, првото доколку кризата заврши до јуни, а второто , ако заврши до крајот на годината. Студијата анализира крупни загуби на туристичкиот промет и на работните места.

  • Според првото сценарио, во зависност од нивото на ефективност на економскиот одговор на државата , односно подршката во секторот, ќе бидат загубени помеѓу 2.000 и 12.000 работни места. Според второто сценарио, доколку трае до крајот на годината, што ќе значи безмалку останување без економска активност во туристичката дејност, во зависност од нивото на економскиот одговор, помеѓу 4.000 и 20.000 работни места би згаснале во туризмот, вели Кристијан Џамбазовски , коавтор на студијата.

Пред епидемијата во земјава, туристичкиот промет за годинава бил проектиран на близу 500 милиони долари. Доколку кризата заврши веднаш, според првото сценарио, може да се очекува пад на прометот под 250 милиони, а според второто сценарио, од кое не сме далеку вели Џамбазовски, падот може да биде над 80 %, или под 100 милиони долари. Владата до сега вложи 95 милиони денари како субвенции во секторот, но  Џамбазовски препорачува таа да ги преразгледа или продолжи краткорочните економски мерки, со минимални плати од 14.500 денари.

  • Не би можеле да кажеме до кога да траат . Но јуни треба да биде вклучен во оваа подршка , бидејќи претходно беше заборавен март. Односно прескокнат, дополнува Џамбазовски.

Половина од испитаните фирми велат дека падот на приходот во првиот квартал од годината, е меѓу 81 и 100%. За 17% од нив е меѓу 61 и 80%, а за останатите е меѓу 41 и 60 %. Тоа претставува поголем пад на прометот во туристичкиот сектор од оној во кризната 2001 година. Дел од компаниите привремено ставиле клуч на врата, а на повеќето ќе им требаат најмалку 6 месеци до една година, за да закрепнат, се вели во студијата.

Сотир Трајков

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ