Презентацијата на физибилити студија за Попова Шапка недостапна за новинарите

Неформалната иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ во пресрет на денешната презентацијата на физибилити студијата од консултантската куќа „Прајс Вотерс Хаус Куперс“, реагира дека ова е веќе трета по ред ваква студија за Попова Шапка, за кои само за една се трошат по 200 илјади евра.

– Имаме документи од „Екон инвест“ кои направиле студија за 200 илјади евра и пред извесно време за 230 илјади студија направиле „Еко Сигн“. Знаеме дека и за оваа студија се потрошени околу 200 илјади евра добиени од Светска банка, изјави Хамди Сулејмани од „Да ја спасиме Попова Шапка“

Според правилата на компанијата „Прајс Вотерс Хаус Куперс“, не беше дозволено презентацијата на физибилити студијата да се следи од новинарите и да се прават аудио и видео записи.

– Знаеме дека има правила со авторски права, но и имаме право ние како граѓани преку вас медиумите да се информираме со детални информации. За жал се навикавме на вакви работи и затоа јавно апелирам да има можност да се следи постапката, изјави Сулејмани.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачески изјави дека тие како нарачатели ќе добијат првични информации за студијата.

– Денеска е почеток на формите кои понатаму ќе се развиваат. Како нарачатели понатаму ќе имаме и јавна дебата со сите заинтересирани и на крајот ние како друштво со Владата заедно ќе одлучиме што ќе се преземе од студијата, рече Ковачески.

На новинарско прашање за оправданоста да се прави нова студија, со оглед на посочените две претходни, Ковачески со одговор дека на сегашната компанија и се дадени сите студии и презентации.

– Имаше  потреба за нова студија која точно и прецизно ќе укаже како да се развива Попова Шапка, рече Ковачески. Според Ковачески, за конечното решение треба да се одбира од 7 до 9 варијанти.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ