
Претседателските избори ќе се распишат на 3 февруари, партиите почнуваат со подготовки
Претседателските избори ќе се распишат на 3 февруари. По гласањето на уставните измени на 15 јануари, партиите интензивно ќе започнат со преговори за избор на свој кандидат. СДСМ и ДУИ ќе водат разговори да настапат со заеднички кандидат. Имиња не откриваат, но како најсериозни кандидати ги посочуваат Никола Димитров, Оливер Спасовски, Бујар Османи, Имер Селмани. Само на ваков начин, велат, може да се очекува убедлива победа уште во првиот круг.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го избира канидатот на оглас кој ќе се распише на 11 јануари. Имињата ќе бидат познати на 16 јануари, а изборот ќе се изврши на партиска конвенција на 16 февруари. И тие очекуваат сериозна победа, со оглед на фактот што ќе промовираат нови политики во периодот што следи. Како можни кандидати се споменуваат Христијан Мицкоски и Трајко Славески. Во изминативе избори во претседателската трка учествуваа само партиски кадри. Така ќе биде и овојпат, вели Илија Димовски.
Алијансата на Албанците и Беса на Касами не ја исклучуваат можноста да настапат со заднички кандидат на изборите, но за тоа треба да одлучат органите на партијата. Она што досега знаат е каков кандидат им е потребен.
Мандатот на Претседателот Иванов истекува на почетокот на мај. Според Уставот изборот на нов Претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот.
Јулијана Пешевска