Претседателот Пендаровски за 14 дена ја продолжи вонредната состојба

Владата побара 30, претседателот Пендаровски одобри само 14 дена вонредна состојба. Уверен е дека тој период е доволен, пред `се за спроведување на неопходните економски мерки, со оглед на смирувањето на состојбите поврзани со пандемијата.

Одлуката ја донесе по двочасовната седница на Советот за безбедност, на која, како што рече, се водела интересна дискусија.

Иако државата по трет пат едно по друго е во вонредна состојба, Пендаровски смета дека е време за постепено намалување на рестрикциите.

Пендаровски инсистира дека вонредната состојба нема корелација со датумот на предвремените избори.

На оваа тема ќе расправаат лидерите во понеделник или вторник. До тогаш, го очекува одговорот на прашањето што министерот Димитров го упатил до ОБСЕ ОДИХР како најголем меѓународен набљудувач, а се земаат предвид мислењата на Комисијата за заразни болести и на ДИК.

Првата сугерира дека додека не се пронајде вакцина, сите избори во светот ќе се одвиваат под посебен режим, а втората ќе го почитува договорот на лидерите.

Земјата е во вонредна состојба од 18-ти март.

Уставниот суд не го проблематизираше уставното право на Претседателот да воведе вонредна состојба, во случај кога Собранието не може да се состане. Само во овој период, Владата има право да носи уредби кои имаат законска сила.

Се очекува наредната недела, по лидерската средба, да го измени и Изборниот законик и да ги прилагоди изборните правила на вонредна состојба поради епидемија.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ