Претседателот Пендаровски повика на политичка одговорност и обвинителите да се вратат од одмор

Претседателот Стево Пендаровски изрази разочарување од непостапувањето по отворањето на Аферата „Рекет“ и дека обвинителите заминале на годишен одмор.

„Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава .

Претседателот на државата изјави дека ова не е редовна состојба и оти обвинителството мора веднаш да продолжи со работа и тоа побрзо, а не со месеци да чекаме разрешница на ситуацијата.

Пендаровски во обраќањето рече дека истрагата за предметот „Рекет“ мора да биде целосна и сеопфатна, и по вертикала и по хоризонтала, и повика и на политичка одговорност. Рече дека мора да одговара секој кој е инволвиран, без оглед дали е бизнисмен, обвинител, член на политичка партија или политичар.

“Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери” – изјави Пендаровски.

Според него за да има правна држава не може да се истражуваат само криминалите на претходната власт, туку и на актуелната.

Претседателот е разочаран и од обвинителката Катица Јанева.

,,Сите имаме колективни одмори, кога не работи Парламентот, ако има потреба веднаш се состануваме. Во Уставот стои дека Парламентот работи постојано, тоа треба да важи и за нив не може да тераме одмори како да е редовна состојбата а не е редовна состојбата. Јавно се обраќам до судско обвинителските органи да ја тераат работата. И од аспект на евроинтерграциите треба брзо да ја расчистиме оваа афера“, изјави Пендаровски нарекувајќи ги инертни органите кои треба да го водат случајот.

Претседателот информираше дека не се слушнал со Заев. Тој за сега нема да свика седница за Национална безбедност бидејќи смета дека нема опасност по интегритетот и суверинитетот за државата.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ