
Претседателот на антикорупциската Тантуровски си поднесе оставка
Претседателот на антикорупциската комисија Игор Тантуровски денеска ја достави својата неотповиклива оставка до Собранието. Причините се семејни и здравствени, навел во оставката, но не беше достапен за коменатар дали сепак ова е поврзано со ревизорскиот извештај за трошењето пари од институцијата.
Вчера пак оставка од здравствени причини си поднесе пораеншниот претседател Горан Миленков.
Портпаролката на антикорупциската за Телма потврди дека до сега официјално само овие двајца членови на комисијата ја нашуштаат функцијата. Неофицијално пак свои оставки подготвуваат уште тројца членови, но нема официјална потврда за ова.
Инаку според ревизорскиот извештај кој пред една недела беше објавен од медиумите антикорупцинерите беа фатени дека земале за патни трошоци од дома до работа и три пати во еден ден или пак додека биле на службено патување во странство исто така пријавувале патни трошоци до работно место. На интернет странициата на антикорупциската се уште стои актуелниот состав за кој пишува дека е именуван на 14 април 2015, а инаку според законот мандатот на антикорупционерите е пет години. Од биографиите кои исто така се закачени на интернет може да се види дека од седумтемина антикорупционери тројца се од внатрешноста, Фарије Алиу е од Кичево но живее во Гостивар, Жаклина Дамческа е од Прилеп но не напишала каде и е адресата на живеење и Сејди Халили од Тетово. Ним според законот за именувани лица им следува надоместок за патување од дома до работното место, но според она што беше тврдено во ревизијата освен со патните трошоци се манипулирало и со работното време.
Обвинителството веќе отвори истрага, додека пак власта во Собранието најави дека ако не си поднесат оставка, ќе го промени законот за да може да ги промени актуелните членови. За Тантуровски ова беше оркестрирана хајка против институцијата.
Билјана Николовска