Претепаниот полицаец дише на апарати, а седум од тепачите ги однеле зад решетки

Полицаецот кого го претепаа во Шуто Оризари се уште е во критична состојба во болница. Приклучен е на апарати и добива вештачко дишење, а докторите ја следат неговата состојба на монитори. Од болницата „8-ми септември“ потврдија дека нема напредок во лекувањето– како што е донесен во понеделник вечерта на ургентно, во таква состојба е и сега во болничкиот кревет.

Иста е состојбата како и претходно. Пациентот е во шок соба и е приклучен на механичка вентилација, на апарат за вештачко дишење. Се уште е во критична состојба. Нема поголеми отстапки од приемот. Има едем на мозокот од ударите и за тоа да се повлече треба време, велат од Градската  општа болница „8 септември“.

Во меѓувреме, завршува истрагата за тепачката која се случи на главната улица во Шуто Оризари, потврди министерот за внатрешни Оливер Спасовски. Полицијата веќе ги препознала и привела седум од напаѓачите. Но, од МВР нема детали – каква дојава за киднапирање на фејсбук добиле полицајците кои не биле на должност додека биле тепани, а немале ни полициска значка со нив.

Истрагата во делот на инцидентот во Шутка е при крај и приведени се седум лица. Денес ќе бидат поднесени кривични пријави за овие седум лица. Се работи на препознавање на уште неколку лица што треба да бидат обезбедени и да се поднесат соодветни поднесоци. Полициските службеници не биле на работа и секој има право слободно да се движи каде сака на територијата на Република Македонија, вели министерот Спасовски.

Крвавата тепачка се случи во понеделникот вечерта околу 19 часот. Полицајците им биле сомнителни на жителите бидејќи се возеле во приватен џип без регистарски таблички за кој не се знае чиј е. Луѓето од Шуто Оризари се плашеле дека токму тројцата планираат да киднапираат деца од населбата. Во населбата со денови се шпекулира дека некој сака да им ги киднапира децата, но во полиција не е пријавено ниту едно исчезнување досега.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ