
Пресуди доживотни со скриен доказ- сега во комисија за помилување на Пендаровски
Ги прогласи за виновни и им определи доживотен затвор за две убиства, иако за едното имале ДНК анализа која ги ослободува- овој случај од 2005-та а е еден од најпознатите случаи кои ги водеше судијата Божин Аврамовски, кој еден период беше и претседател на кичевскиот суд. Од петокот Аврамовски е дел од комисијата за помилување на претседателот Пендаровски. Од кабинетот не ни одговорија на кој начин се бирани членовите на комисијата за помилување и како Аврамоски се нашол на списокот освен што Пенадровски во петокот преку соопштение нагласи дека:
Соопштение на кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски: При изборот на членовите на комисијата се водел од нивните исклучителни биографии и нивното богато професионално искуство.
Во кариерата на Аврамовски најпознат е случајот во кој пресудува доживотна казна затвор на Анте Ристоски и Игор Мирчески. Двајцата се осудени за убиство на Радослав Божиноски кое го извршиле и признале и за убиство на Митра Силјаноска кое го признале како што тврдат под силен ќотек и малтретирање од страна на полицајците во Кичево. Иако вербално го признале, по направеното ДНК вештачење на МАНУ откриено е дека во телото на убиената Митра има остатоци од машко ДНК, но не припаѓа на осудените за убиството. Документот кој го објави КОД лани во февруари ги ослободува Ристоски и Мирчески од обвинение за едно убиство и силување, но и покрај тоа судот го зел во предвид нивното сведочење дадено во полициски услови, а ја занемарил ДНК –анализата која е во нивна корист. Но во подоцнежните истражувања на КОД откривме дека всушност ДНК на убиецот од 2005-та е идентична со ДНК профилот на Владо Танески, новинарот кој мистероизоно се самоуби во кофа со вода во затвор по апсењето за други убиства од 2008-ма. ДНК анализата според пресудата е изведена како доказ, иако ниту обвинителството не откри како таа ДНК анализа се нашла во судското досие.
-Од увидот во предметот на Основното јавно обвинителство Кичево произлегува дека до ова обвинителство заедно со кривичната пријава не е доставен резултат од ДНК анализа за утврдување на потекло на биолошки материјал. Од увидот во судскиот предмет не постојат докази кој до судот ја доставил ДНК анализата од 21.01.2005 година на МАНУ, иако таква анализа постои и произлегува дека е изведена како доказ, затоа што е наведена во судската пресуда, одговор на јавното обвинителство.
Досега нема истрага за подметнатиот доказ во судското досие водено од Аврамоски, кој сега ќе го советува претседателот за помилувања. Откако за убиството на Силјаноска се осудени Анте Ристоски и Игор Мирчески, подоцна се случија уште две идентични убиства затоа што вистинскиот убиец остана на слобода. Еден од осудените на доживотно Мирчески се самоуби лани во затвор, а се самоуби и осомничениот за убиствата на жените Владо Танески. Судијата Аврамоски во емисијата КОД тврдеше дека доколку има нови докази треба да се дозволи ново судење на доживотниот Ристоски.
Покрај Аврамоски, во комисијата за помилување на Пенадровски е и Љубомир Михајловски Џанго кој беше министер за внатрешни работи во 2005-та кога се случија убиствата и беше скриена ДНК анализата. Во комисијата е и актуелниот обвинител Љупчо Јовевски кој може да ги истражи пропустите на стариот судски процес, како и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет и Билјана Петковска од МИМ.
Миомир Серафиновиќ