Пресуда за убиството на Саздо на 23 април

За една недела,  на 23 ти април  Кривичниот суд ќе ја објави пресудата за Бесир Беља и Скендер Демири обвинети за убиство на 20 годишниот Никола Саздовски Саздо. Денеска неколку часа во судница завршен збор даваше обвинителството, одбраната, обвинетите, а емотивно обраќање имаше и таткото на убиеното момче.

Обвинетите се покајаа, изразија сочувство на семејството Саздовски и побараа судот да не подлгнува на притисоците. Нивните адвокати очекуваат судијата да пресуди за кривично дело насилство а не за убиство за што ги гони скопското обвинителство. Адвокатот на семејството,  Шехтански побара максимална казна за обвинетите а таткото Тони Саздовски потсети за тешката смрт на неговиот син и рече дека оштетното побарување од 10 милиони денари кое го пријавиле е сума утвредна со закон. Потенцираше дека никои пари нема да го вратат неговиот син и доколку некогаш ги наплати парите за оштета ќе издвои за хуманитарни цели.

Според обвинителниот акт,  Беља и Демири заедно со уште едно 19 годишно момче кое е во бегство, на 29 јуни минатата година го претепале Саздовски на автобуската постојка во Автокоманда. Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на клинк КАРИЛ. Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот во Шутка, а третоосомничениот се бара со потреница.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ