
Пресуда за Поповски за случајот „Триста“
Во Кривичниот суд денеска ќе биде соопштена пресудата за предметот „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила.
На минатото рочиште беа изнесени завршни зборови на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство и на одбраната. СЈО побара осудителна пресуда за Поповски за кривичното дело за кое е обвинет, за што е предвидена казна затвор од четири до 15 години.
Одбраната, пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението. Поповски пред Судот кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Тој се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.
Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за нешто повеќе од 450.000 евра..Нови судски рочишта денеска во Кривичниот суд треба да се одржат за предметите на СЈО „Тарифа“, „Титаник 2“ и „Труст“.