
Преспанските овоштари незадоволни од откупните цени на јаболката, најавија протест
Незадоволни од ниските откупни цени и проблемите со пласманот на јаболката, преспаснките овоштари утре ќе излезат на протести со двочасовна блокада на магистралниот пат Ресен Битола. По неколку исклучително лоши години и преполовен род, последната реколта со хиперпродукција, ја падна откупната цена од 3 до 6 денари за килограм конзнумно и 1 денар за индустриско јаболко. Неоткупени се 50 илјади тони, а овоштарите не го продаваат родот и бараат интервентната мерка на Владата од 3 денари за килограм, која важеше до декември, да продолжи до јуни.
- За производство на еден килограм јаболка во ваква година кога имаме голема продукција, минимлано се потребни околу 8 денари, што значи со оваа цена сме во загуба од 3 до 5 денари по килограм јаболка, вели Албен Бекир, овоштар
- Замислете овоштар кој што има во своите магацини 100 или 200 тони јаболко, со квалитет од прва и втора класа, следниот ден оди во продавница и се пишува за 2 или 3 леба, рече Љубе Пампулевски, овоштар
Преспанските прозводители бараат Владата во следните два месеца да им ги исплати ланските субвенции, како и доисплата на штетите за 2017 година.
- Дел од штетите од мразот за 2017 се исплатени, но не целосно. Бараме тие штети да се исплатат што е можно побрзо бидејќи почнува сезоната на активности во јаболковите насади, вели Менде Ивановски, овоштар
Одлуката за утрешниот протест ја донесе Иницијативниот одбор за спас на овоштарите, од каде исто така за надминување на проблемите бараат средба со премиерот Заев.
Емилија Мисирлиевска