
Препораката за почеток на преговори на маса, конечниот одговор утре
Амбасадорите на земјте членки на ЕУ ги усогласија и последните детали околу препораката за отворање преговори со Македонија и Албанија. Како што Телма веќе објави, без никакви услови за Македонија, а редица условувања за Албанија, се предлага почеток на преговорите без притоа да се прецизира точниот датум.
„Во светло на напредокот постигнат во реформите и исполнувањето на условите поставени од Советот во јуни 2018 година, со усвојување на препораките на Европскиот совет, одлучи да отвори преговори со Северна Македонија. Првата меѓувладина конференција би требало да се свика што е можно побрзо, откако Советот ќе ја усвои преговарачката рамка. Советот ја повикува Комисијата да продолжи да го мониторира напредокот и услогласувањето во сите области од условите идентификувани од Советот во јуни 2018 година, пишува во заклучоците на КОРЕПЕР во кои Телма имаше увид.
Од денеска почнува таканаречената „процедура на молчење“ која ќе трае до утре наутро. Ако ниту една земја-членка нема забелешки на нацрт-заклучоците направени од КОРЕПЕР (највисокото политичко тело кое ги подготвува состаноците на министерите за надворешни работи на Унијата), ќе се смета дека заклучоците се усвоени, но секоја земја има право писмено да достави коментари односно да побара измени.
КОРЕПЕР се согласи за текстот на Советот, како и за декларациите/изјавите на Советот и Советот на министри, кои ќе се додаваат како анекси, освен оние кои се однесуваат на малцинските прашања покренати од Грција, а кои се однесуваат на Албанија.
Од друга страна, според извор од Брисел, се очекува Бугарија да ја додаде како анекс декларацијата изгласана во бугарското собрание бидејќи во досегашните преговори, официјална Софија изразила незадоволство од начинот на кој во заклучоците се споменува добрососедските односи и билатералните договори.
Впрочем, една од измените која веќе е направена на барање на Бугарија се однесува на изјаснувањето на малцинствата во Албанија.